Цементарница УСЈЕ обезбеди спортска опрема за македонските спортисти

кои учествуваат на Специјалната Олимпијада 2019


22.03.2019

Цементарница УСЈЕ обезбеди финансиска поддршка за опрема за учество на македонските спортисти на светските летни олимписки игри на Специјалната Олимпијада, што се одржуваат од 8 до 22 март во Абу Даби. Македонската делегација на овие олимписки игри се состои од 26 членови од кои 14 се спортисти кои се натпреваруваат во дисциплините: пливање, атлетика и инклузивна кошарка. За сите нив поединечно Цементарница УСЈЕ обезбеди сет од спортска опрема која е неопходна за учество на игрите. Македонските репрезентативци во рамките на Специјалната олимпијада, освоија неколку медали и тоа, бронзен медал за кошаркарската репрезентација и златен медал за пливачите Марио Мицковски и Стефан Трпковски во категоријата пливање на 50 метри. Мицковски освои и втор златен медал во категоријата 25 метри грбно пливање.

„Ни претставува посебна чест и задоволство што имаме можност да го поддржиме учествотото на спортистите од нашата земја на еден толку значаен глобален спортски и хуман настан, каков што е Специјалната Олимпијада. Ваквиот вид поддршка е составен дел од нашата догорочна стратегија за општествено одговорно делување која прозлегува од нашата корпоративна култура и желба да ѝ помагаме на заедницата, а во тие рамки и на лицата со посебни потреби, на кои секој вид поддршка им е особено драгоцена“ – изјави Борис Хрисафов, главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ.

Организатор на настапот на спортистите од нашата земја на овие олимписки игри е организацијата „Специјална Олимпијада Македонија“ која уште од 2004-та година посветено работи на поттикување и инклузија на лицата со посебни потреби преку спортот. На претходните учества на овие олимписки игри, македонските спортисти постигнуваа одлични резултати и освојуваа медали, кои придонесуваат за афирмација на нашата земја.