Основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода доби нова енергетски ефикасна фасада


16.10.2018

Oсновното училиште „Кирил Пејчиновиќ“, лоцирано во општината Кисела Вода во Скопје, доби нова енергетски ефикасна фасада. Неопходните финансиски средства за новата фасада на училиштето, во висина од 5 милиони денари, ги обезбеди Цементарница УСЈЕ АД Скопје.

„Задоволни сме што во соработка со локалната самоуправа реализиравме уште еден проект со кој ги унапредуваме условите во училиштата на територијата на општината каде се наоѓа и нашата компанија. Ние и понатаму ќе продолжиме да вложуваме во образованието, како и во проекти кои овозможуваат заштеда на енергија и заштита на животната сртедина, затоа што тие се дел од нашите долгорочни стратешки определби за одржлив развој во интерес на локалната заедница на која ѝ припаѓаме“, изјави Борис Хрисафов, главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ.

Поставувањето нова фасада на училиштето „Кирил Пејчиновиќ“ е дел од долгорочниот проект „Партнерство со училиштата“ на Цементраница Усје кој започна во 2010 година и со кој досега беа опфатени осум основни училишта, едно училиште за деца со посебни потреби и две градинки на територијата на општината Кисела Вода. Целта на проектот е подобрување на безбедноста, здравјето и еколошките услови во ваквиот тип објекти.

„Со својата посветеност и долгорочна поддршка на проектите кои имаат големо значење за локалната заедница, Цементарница Усје е пример за општествено одговорна компанија која секогаш е подготвена да вложи во унапредување на квалитетот и стандардите на урбаното живеење. Како локална самоуправа ние имаме интерес и понатаму да ја јакнеме соработката со приватниот сектор затоа што убедени сме дека заеднички можеме да постигнеме повеќе за добробит на граѓаните“, истакна градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски.

Особено важен аспект за Цементарница Усје при реализацијата на ваков вид проекти, како што е поставувањето на оваа нова фасада, е да се обезбедат повеќекратни придобивки за заедницата.

„Новата фасада, покрај тоа што го подобрува естетскиот изглед на целото училиште, овозможува и подобра термичка изолација што трајно влијае на подбрување на работните услови и конфорот на учениците и персоналот во училиштето, а ќе придонесе и за заштада на енергија и намалување на режиските трошоци, што е особено важно за нас“, објаснува директорот на училиштето „Кирил Пејчиновиќ“, Сашо Јованоски.

Инаку, ова е прво целосно обновување на фасадата на зградата на ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ по израдбата и пушањето во употреба на училиштето во 1972 година по земјотресот.