Во поддршка на „Часот на планетата земја“

Придонес на Цементарница Усје во глобалната акција за заштита од климатските промени
18.03.2016

Цементарница УЈСЕ годинава, по осми пат, се приклучува кон глобалната акција „Час на планетата земја“ што ќе се одржи во сабота, 19-ти март 2016, во периодот од 20:30 до 21:30 часот. Акцијата која годинавата e под мотото „Заблескај светлина на климатски промени“ има за цел преку симболично исклучување на oсветлувањето во период од еден час да се сврти вниманието на светската јавност врз негативното влијание на климатските промени за идината на планетата.

Цементарница УСЈЕ ќе го даде својот придонес во оваа глобална акција со тоа што во времетраење од еден час ќе ги исклучи мелниците за цемент, како и на електричното напојување на сите невитални објекти во кругот на фабриката. На овој начин, за еден час ќе се овозможи заштеда од над 10 MWh електрична енергија, што е доволно за вкупната едночасовна потрошувачка на приближно 20.000 домаќинства. Со остварената заштеда на електрична енергија Цементраница УСЈЕ придонесува во намалувањето на вкупните емисии на т.н. стакленички гасови во атмосферата, кои се посочуваат како еден од главните причинители на глобалното затоплување и климатските промени.

Истовремено, и оваа година компанијата упати апел до сите свои вработени да се приклучат кон акцијата, со што ќе дадат дополнителен придонес кон ширењето на глобалната порака за потребата од ефикасно користење на енергијата како еден од начините за заштита на животната средина во светски рамки.

- Горди сме што и оваа година сме дел од глобалната акција „Часот на планетата земја“, која има големо значење за насочување на вниманието на светската јавност кон прашањата поврзани со обезбедувањето одржлив развој и зачувување на глобалниот еко-систем. Препознавајќи го значењето на ваквите акции, ние како компанија одиме чекор понатаму, реализирајќи бројни конкретни активности и вложувања во областа на заштитата на животната средина кои се дел нашето тековно работење и стартегија за развој во иднина, истакна Борис Хрисафов, главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ.

Од декември 2008, Цементарница УСЈЕ е член на „Глобал Компакт“ договорот на Обединетите Нации. Со потпишување на овој договор, компанијата се обврза дека ќе ги почитува десетте клучни принципи за добро корпоративно управување, меѓу кои е и заштитата на животната средина. Во 2014-та година Цементарница УСЈЕ целосно ги исполни сите обврски предвидени со А – Еколошката дозвола, а дополнително продолжи и со реализацијата на бројни општествено одговорни иницијативи во областа на животната средина. Токму за вложувањата во реализација на еден ваков проект со кој се обезбеди трајно намалување на емисиите на азотни оксиди (NOx) во воздухот, под законски утврдените граници, УСЈЕ минатата година ја доби и наградата за општествено одговорно делување во категоријата „Заштита на животната средина”.

Почетоците на акцијата „Ден на планетата Земја“ датираат уште од 70-те години од минатиот век, по инцијатива на америкаснкиот сенатор Гејлорд Нелсон САД. Оттогаш, во оваа акција секоја година се вклучуваат се повеќе приврзници, по што таа прерасна во најголем настан за заштита на животната средина. Годинава се очекува во неа да се вклучат преку 7000 градови од над 170 земји ширум светот.