Соработка помеѓу УСЈЕ и Факултетот за ликовни уметности од Скопје

Скулптури од цемент – одраз на урбаната култура
12.11.2015

Поттикнување на уметничкиот израз и создавање на можности и простор за креативна работа на младите уметници е главниот цел на соработката што ја започнаа Цементарница Усје АД Скопје и Факултетот за ликовни уметности при Универзитет(ФЛУ) Св. Кирил и Методија од Скопје. Во рамките на оваа соработка студентите по вајарство под водство на професорите ќе започнат изработка на скулптури, кои ќе бидат во духот на урбаната култура.

За нивна реализација студентите по вајарство ќе добијат цемент и други потребни материјали што ги користат во својата работа во текот на редовната настава, а УСЈЕ дополнително ќе обезбеди и алати за работа. Материјалите што ги обезбедува компанијата освен за изработка на скулптурите ќе се користат и во текот на редовната настава на Факултетот за ликовни уметности. УСЈЕ во континуитет работи на поддршка и градење на партнерски односи со заедницата во различни области. Во годината која компанијата слави 60 години од своето делување на пазарот, покрај редовните проекти, УСЈЕ започнува и еден нов проект каков што е овој.

„Цементот на УСЈЕ е составен дел на сите домови, училишта, институции и други капитални објекти во Македонија. Но, Цементот освен што е основен елемент и симбол на развојот на Македонија, тој е и составен дел од уметноста особено во делот на скулптурата. Со овој проект ние сакаме да ја покажеме фината страна на цементот односно неговата душа. Истовремено како компанија која континуирано соработува со заедницата на различни нивоа, преку овој проект ќе овозможиме младите талентирани луѓе да работат на дела кои ќе бидат јавно изложени“, истакна Борис Хрисафов главен извршен директор на УСЈЕ.

Студентите ќе почнат да ги изработуваат скулптурите, а темата ќе ја изберат заедно со нивните професори и ќе биде одраз на урбаната култура и современиот живот. Со студентите по вајарство на овој проект ќе работат професорите Гоце Неновски, продекан за настава на ФЛУ и Изет Рамиќевиќ, раководител на студиската програма по вајарство.

„Оваа соработка за нас е од големо значење бидејќи освен што добивме материјали и алати за работа со што ќе се подобрат можностите за креативен израз на студентите, истовремено добивме и можност за изработка на скулптури што ќе бидат излежени во некоја урбана средина. Тоа за младите студенти е огромна можност но и предизвик и искрено се надевам дека ќе создадеме уметност која ќе биде препознатлива“, истакна продеканот за настава на ФЛУ Неновски.

За да се запознаат повеќе со природата и карактеристиките на цементот и начинот на кој тој се произведува, студентите од ФЛУ ќе ја посетат Цементарница Усје АД Скопје, каде стручни тимови ќе им дадат повеќе информации за цементот кој има широка примена во вајарската уметност.

Скулптурите што ќе се изработуваат во рамките на овој проект ќе бидат дел од годишната изложба што ФЛУ ја подготвува секоја година во јуни , по што ќе бидат изложени на јавен простор.