Стручна конференција по повод 60-годишнината на Цементарница УСЈЕ

„Влијанието на градежните материјали врз квалитетот на градбата“
Скопје, 29.09.2015

По повод јубилејот 60 години од постоењето, Цементарница УСЈЕ организираше стручна конференција под наслов „Влијанието на градежните материјали врз квалитетот на градбата“.

Целта на конференцијата е да се презентираат и разменат најновите стручни мислења околу квалитетот на градежните материјали, со посебен акцент на цементот и неговата контрола, важечките стандарди во оваа област, законската регулатива во земјата, контролата на пазарот со градежни материјали, како и трендовите и перспективите за развој на домашната градежна индустрија.

На конференцијата свои обраќања имаа Главниот извршен директор на Цементарница УСЈЕ, Министерот за економија на РМ, претставници од Градежниот факултет и Технолошко - металуршкиот факултет, претставници на ГИМ, ЗИМ, Институт за стандардизација, Институт за акредитација, градежните компании ДГ Бетон, ДГ Гранит, Адинг и други.

- Цементарница УСЈЕ во континуитет вложува обемни средства, знаење и иновации во обезбедување на висок квалитет на своите производи. Тоа е нашата клучна стратешка определба за која имаме целокупна поддршка од нашата групација ТИТАН, преку која ни се на располагање искуствата и најновите светски индустриски трендови, изјави Борис Хрисафов, главен извршен директор на Цементарница УСЈЕ, искажувајќи посебна благодарност до сите институции и стручни тела надлежни за контрола на квалитетот на градежните материјали во земјата, за досегашната соработка во областа на обезбедување на посакуваното ниво на квалитет на постојните и развој на нови производи.

Учесниците на конференцијата ја поздравија иницијативата на УСЈЕ за ваков вид дијалог меѓу бизнис секторот, институциите и стручната јавност и се заложија за негово продолжување и продлабочување во функција на поуспешно следење и примена на современите трендови, но и во изнаоѓање ефикасни решенија за предизвиците кои можат да ги нарушат перспективите за натамошен развој на домашната градежна индустрија.



- Обраќање на Главниот извршен директор, Борис Хрисафов

- Обраќање на Министерот за економија на РМ, Беким Незири