УСЈЕ додели стипендии за МБА постдипломски студии

Во насока на подигнување на нивото на образование на младите луѓе во земјата, Цементарница УСЈЕ АД Скопје стратешки го поддржува образованието. За таа цел, Цементарница УСЈЕ додели три стипендии за постдипломски студии по менаџмент и бизнис администрација на Факултетот за деловна економија и менаџмент при Универзитетот Американ Колеџ Скопје. Изборот е направен преку јавен конкурс, а избрани се најдобрите кандидати со работно искуство во компании.

„Да се добие ваква стипендија за нас претставува предизвик кој ќе ни овозможи да го продлабочиме своето знаење и вештини, што пак ќе ни помогне во натамошно напредување во кариерата и професионалното искуство.“, рекоа добитниците на стипендии.

До сега, околу 28 студенти го продолжиле своето образование со постдипломски студии по менаџмент и деловна администрација на Бизнис академијата Алба во Атина, на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и Универзитетот Американ Колеџ во Скопје со стипендии доделени од УСЈЕ.

„Ние традиционално пружаме поддршка на млади и перспективни луѓе кои се спремни и понатаму да го унапредуваат своето знаење. Продолжуваме со нашата определба за инвестирање во едукацијата на млади кадри, бидејќи така инвестираме во иднината на нашата земја„ потенцираше Борис Хрисафов, Главен извршен директор на УСЈЕ, при доделувањето на стипендиите.

Цементарница УСЈЕ доделува стипендии со цел поддршка на образованието на младите луѓе во земјата како дел од својата политика за општествена одговорност, додека добитниците на стипендии немаат никаква обврска наспрема Компанијата по успешното завршување на студиите.