УСЈЕ го поддржи одбележувањето на ЕУ неделата за помалку отпад

УСЈЕ го поддржува одбележувањето на ЕУ Неделата за помалку отпад, која трае од 22. до 30. ноември и претставува главен настан во Европа за подигнување на свеста и едукација за управување со отпад. Настанот е во организација на еколошката невладина организација Гоу Грин, со поддршка на Цементарница УСЈЕ и Француската амбасада, а целта е да се подигне свеста за придобивките од селектирањето и рециклирањето отпад, решавање на моменталните проблеми со општинските депонии и неорганизираното фрлање отпад.


На настанот беше презентирана програмата за Недела за помалку отпад во Македонија и се потенцираше потребата од развивање на стратегија за циркуларна економија.

"Во Цементарница УСЈЕ спроведуваме активности и практики кои што се во целосна согласност со заштита на животната средина и придонесуваат за унапредување на заедницата и квалитетот. Технолошкиот процес во УСЈЕ не генерира отпад, а повеќе од 70% од отпадот од одржуивање на опремата и секојдневните активности на вработените се селектираат со што се овозможува рециклирање и повторна употреба на повќе од дваесет различни фракции на отпад. Групацијата Титан чија членка е и УСЈЕ, во своите фабрики во земји членки на ЕУ има позитивни искуства во користењето на селектирани, неопасни фракции на отпад како алтернативно гориво и ние сме спремни да ги споделиме овие позитивни практики за да придонесеме кон напредок на оваа област во Македонија", изјави Наташа Бакреска Кормушоска, Менаџер за животна средина во УСЈЕ.

Оваа недела во Европа се организираат над 10.000 настани по овој повод, а Македонија за прв пат се приклучува на оваа иницијатива.