TITAN - News

Национална награда и признаниe за најдобри практики од општествена одговорност

Скопје, 1. ноември 2012

УСЈЕ освои прва награда во категоријата Односи со вработените за големи компании, со проектот „Надоместоци, бенефиции и добросостојба на вработените“, на денешното доделување на Националните награди за најдобри општествено одговорни практики на претпријатијата за 2011 година, што ги доделува Координативното тело за општествена одговорност, како дел од проектот „Општествената одговорност на претпријатијата во РМ“, кофинансиран од Европската Унија, а спроведуван од Министерството за економија во партнерство со Македонската развојна фондација за претпријатија, Сојузот на стопански комори на Македонија и здружението Конект. Оваа година, вкупно 36 претпријатија со 59 проекти учествуваа на конкурсот за национални награди.

   

За нас, вработените претставуваат најважен ресурс и поради тоа задоволството и добросостојбата на вработените и нивните семејства е наш врвен приоритет.

Менаџерот за човечки ресурси во УСЈЕ, г-а Магдалена Славејкова на свечената церемонија изјави:

„Наградата во категоријата Односи со вработените претставува потврда но и мотивација за дополнителни заложби за општествена одговорност на Компанијата. Минатата година, исто така, освоивме прва награда во категоријата Животна средина, што покажува дека нашите активности во областа на корпоративната општествена одговорност се протегаат во сите сегменти.“

Покрај првата награда, УСЈЕ се здоби и со признание во категоријата Етичко управување за проектот Комуницирање и вклучување на сите засегнати страни. Цементарница УСЈЕ АД Скопје остварува комуникација и гради отворен и транспарентен однос со сите засегнати страни: вработени, клиенти, добавувачи, изведувачи, релевантни јавни и академски институции како и невладини организации. УСЈЕ секоја година известува за напредокот во областа на општествената одговорност во својот Извештај за КОО и одржлив развој верифициран од независни ревизори. Освен тоа, Компанијата редовно организира настани за директна комуникација со сите засегнати страни, а во септември 2011 год. го одржа првиот Отворен ден.

Понатаму, УСЈЕ доби и посебно јубилејно признание за континуирано спроведување на успешни општествено одговорни практики.

Наградите кои УСЈЕ ги добива трета година по ред се потврда за посветеноста и заложбите на Компанијата за нејзината политика за одговорност кон општеството и сите засегнати страни.