Цементарница УСЈЕ на прва регионална средба на локалните мрежи на Глобалниот договор од Југо Источна Европа

На 03.02.2012 се одржа прва регионална средба на локалните мрежи на Глобалниот договор од Југо Источна Европа во организација на Грчката мрежа на глобалниот договор. Целта на средбата беше да се идентификуваат социјалните и предизвиците со животната средина со кои локалните мрежи од овој регион се соочуваат. Учестуваа претставници од мрежите во Бугарија, Грција, Македонија, Косово, Романија, Србија, Турција и Хрватска.

На средбата суштински се анализираа принципите на Глобалниот договор кои се однесуваат на човековите права и борбата против корупцијата во однос на практиките имплементирани од компаниите од регионот, со цел да се разменат искуства и знаења од областа. Компании од регионот презентираа добри практики и искуства во овој домен кои ги интегрираат во своето работење.  

Цементарница Усје беше еден од претставниците на Македонската мрежа на глобалниот договор. Во рамки на официјалната програма, Цементарница Усје имаше презентација на тема „ООП и човековите права: деловни практики од цементната индустрија“.  Презентацијата вклучуваше осврт на општествена одговорност во однос на човековите права преку заложбите на компанијата за промовирање на еднакви можности како и здравје и безбедност при работа. Цел на ваквиот начин на водење на бизнис е да се постигне мотивирана и здрава работна средина, без никакви повреди или несреќи, со креирање на можности за напредување и развој подеднакво за сите вработени во компанијата.

Беа изложени начините преку кои Цементарница Усје влијае на безбедноста и здравјето пошироко во својата околина земајќи ги предвид не само своите вработени, туку и своите надворешни изведувачи и добавувачи. Дополнително, практиките кои ја осигуруваат безбедноста, преку програми од општествена одговорност, се пренесуваат и на заедницата, на помладите генерации во основните училишта од општината.

Во рамки на Македонската мрежа на глобалниот договор, Цементарница Усје изрази подготвеност да го сподели своето искуство и знаење со членките со цел да се развие култура која ќе ја осигура безбедноста во компаниите, но и во пошироката околина. Ова ќе се постигне преку инфо средби, менторство, консултации и имплементација на проектот „Партнерство со училиштата“ од страна на членките.