TITAN - News

Национална награда и признанија за проекти од општествена одговорност

Скопје, 26. октомври 2011 – Цементарница Усје АД Скопје ја освои националната награда во категоријата - Животна средина, за големи компании, со проектот „Биодиверзитет на вештачките езера во Цементарница Усје“, на свеченото доделување на Националните награди за претпријатијата за најдобри општествено одговорни практики за 2010 година, што ги доделува Министерството за економија и Координативното тело за општествена одговорност.
 

Со овој проект ние се посветивме на заштитата на водните тела кои не се препознаени како загрозени, но за нас се исклучително значајни за биодиверзитетот во потесното подрачје на фабриката. Студијата која се спроведе го дефинираше квалитетот на водите и постоечките видови флора и фауна во езерата со цел да се спроведат мерки за долгорочна заштита. Истражувањата покажаа дека нема загрозени видови, а активностите на УСЈЕ не влијаат на постојната флора и фауна. Езерцата се порибени со видови риби кои се хранат со вишокот на фитопланктон со што се постигнува рамнотежа на еко системот. Денес тие имаат карактеристики на вештачки езера, а со порибувањето беше започнато пред повеќе години од страна на спортските риболовци, вработени во УСЈЕ.

Исто така, УСЈЕ доби и три плакети и тоа за проектот „Партнерство со училиштата“ во категоријата Вложување во заедницата, за пректот „Безбедност и здравје на нашите вработени“ во категоријата - Однос со вработените и за проектот „Корпоративно управување“, во категоријата Етичко управување.
 

„За Цементарница Усје АД Скопје, општествената одговорност е еден од столбовите во корпоративната стратегија и управување. Како нераскинлив дел од заедницата, УСЈЕ, под мотото „Одговорност-Партнерство-Развој“ развива проекти за соработка со локалната заедница во повеќе сегменти, при што се истакнува проектот - Партнерство со училиштата од општината Кисела Вода. Цементарница Усје подеднакво е посветена и на заштитата на животната средина, како и грижата за вработените во компанијата. Свесни за значењето на општествената одговорност за развојот на општеството во целина Цементарница Усје е и еден од иницијаторите за зајакнување на македонската мрежа на Глобалниот Договор на Обединетите нации. Целта на оваа иницијатива е размена на искуства и подигнување на свеста за значењето на општествената одговорност за заедницата“, изјавија на доделувањето на наградите од компанијата.

Националните награди за најдобри општествено одговорни практики се доделуваат во пет каттегории: Односи со вработените, Етичко управување, Односи на пазарот, Животна средина и Вложување во заедницата. Годинава во трката за награди се пријавија 63 проекти од 38 компании. Годинава наградата се организира со поддршка на проектот Општествената одговорност на претпријатијата во РМ, кофинансиран од Европската унија, а спроведуван од Министерството за економија во партнерство со Македонската развојна фондација за претпријатија, Сојузот на стопански комори на Македонија и здружението Конект.