Цементарница УСЈЕ АД Скопје традиционално e дел од акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“

30.03.2010, Скопје – Над стотина вработени од Цементарница УСЈЕ АД Скопје, заедно со менаџерскиот тим на компанијата се приклучи кон акцијата „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“, што се одржа денеска. Вработените на компанијата се приклучија на оваа акција и засадија неколку стотици садници на локацијата „Три круши“ во населбата Драчево во општина Кисела Вода.
 

„Акцијата Ден на дрвото – засади ја својата иднина, е одлична можност за сите граѓани, компании и институции, да ја покажат својата почит и грижа кон животната средина. Но, ние во нашата компанија  сметаме дека грижата за околината е наша обврска, секој ден. Токму затоа преку сите наши активности, ние се обидуваме секојдневно да дадеме свој придонес во континуитет“, изјави Борис Хрисафов, извршен директор на Цементарница УСЈЕ АД Скопје.


Политиката на Цементарница УСЈЕ АД Скопје како дел од Групацијата Титан е да соработува на дневна база со општината Кисела Вода и сите други заинтересирани институции на различни проекти кои промовираат заштита на животната средина. Во пресрет на годинешнава акција „ Ден на дрвото – засади ја својата иднина“, Цементарница УСЈЕ АД Скопје со свои екипи помогна во расчистувањето и подготвувањето на повеќе од 2 ha површина на месноста „Три Круши“ каде што претставници на дипломатскиот кор во земјава и министрите во Владата засадија млади фиданки.



На акцијата „Ден на Дрвото - засади ја својата иднина“, Цементарница УСЈЕ АД Скопје, се приклучи уште од самиот почеток и традиционално учествува секоја година. Освен ова,  во соработка со општината Кисела Вода, минатата година, во осум основни училишта на територијата на општината беа засадени неколку стотици садници. УСЈЕ донираше садници за градинката „Весели Цветови“, а уреди и неколку паркови во општината Кисела Вода. Овие проекти се реализираат секоја година.